Путин го повика Трамп на конструктивен дијалог за глобалните прашања

Рускиот претседател, Владимир Путин повика на подобрување на односите и на „прагматична соработка“ меѓу Русија и САД, во неговата новогодишна честитка до американскиот претседател, Доналд Трамп.

„Развивањето на конструктивен дијалог меѓу Русија и САД особено е важно за јакнење на стратегиската стабилност во светот и за наоѓање на најдобрите можни одговори на глобалните закани и предизвици“, наведува Путин во честитката.

Тој ја истакнува важноста на принципите на еднаквост и на меѓусебно почитување како основа за развивање на билатералните односи, што ќе овозможи „напредок во воспоставувањето на прагматична соработка на долг рок”.

Трамп и Путин годинава имаа неколку средби и повеќе телефонски разговори, но, односите меѓу двете земји остануваат затегнати, особено со обвинувањата во САД за мешањето на Русија во минатогодишните претседателски избори, како и за улогата на Москва во кризите во Украина и Сирија.