Предлог-буџетот за 2018 година е 3,4 милијарди евра, ќе се зголеми акцизата за нафта

Предлог-буџетот за 2018 година тежи 3,4 милијарди евра, објави денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски. Tој денеска ги презентираше бројките пред јавноста, граѓанските организации и пред претставниците на стопанските комори.

Буџетскиот дефицит е планиран на 2,7 проценти од домашниот бруто-производ наспроти 2,9 проценти лани.

Ова, како што кажа Тевдовски, е во насока на постепено намалување на долгот и на фискална консолидација.

Прогресивниот персонален данок на доход ќе почне да се применува од 1 јануари 2019 година и засега нема да има поголеми даночни промени. Тевдовски појасни дека тоа е така за да не се избрза во донесувањето на законското решение, да се има доволно време за дебата и да се усогласат ставовите со релевантни меѓународни институции по ова прашање.

Во однос на приходите, Министерството за финансии планира зголемување на акцизата на нафтата за 3 денари, односно на 3,54 денари со ДДВ.

– Зголемувањето на акцизата за нафтата за 3 денари ќе има повеќекратни ефекти. Повисоки буџетски приходи за финансирање на нови расходи, усогласување со европските стандарди и со регулативите на ЕУ, како и заштита на животната средина, односно намалување на загадувањето. Препораката на ЕУ е акцизата за нафтата да изнесува 0,33 евроценти, а во Македонија е 0,20 евроценти. Во моментов цената на еден литар нафта во Македонија изнесува 0,8 евра, а со зголемувањето би изнесувала 0,86 евра, при што повторно малопродажната цена на дизел-горивото ќе остане најниска во регионот – вели Тевдовски во образложението на овој предлог на Министерството за финансии.

За првпат Министерството за финансии го ревидира реалниот БДП во 2017 година на 1,6 проценти од 2,2 проценти и ова, како што кажа министерот, се прави се за да има реална основа за планирање на приходите и на расходите за следната година.

Со новиот буџет се предвидуваат повисоки плати за Армијата во насока на приближување на државата до НАТО и спроведување на потребните реформи, како и зголемување на платите во образованието и во здравството, кои, како што рече министерот, се главните столбови во општеството.

Повеќе пари се предвидени и за општините, односно 17,9 милијарди денари, што е за 893 милиони денари повеќе во однос на 2017 година.

Капиталните расходи се планирани во износ од 24,7 милијарди денари, односно пораст од 1,3 милијарди денари во 2017 година.

– Клучните поенти на предлог-буџетот за 2018 година се реални макроекономски фискални проекции, постепена фискална консолидација, зголемен буџет за одбрана за 1 процент од БДП, етапен пораст на платите во неколку клучни сектори и значително зголемени средства за здравствена заштита – нагласи Тевдовски.

Дебатата за предлог-буџетот за 2018 година сè уште трае во Министерство за финансии и, како што најавија оттаму, тие ќе бидат отворени за сите сугестии и забелешки од јавноста.