Правдата е спора но на крајот секогаш доаѓа, порача Данев на протестот пред затворот „Шутка“

За седум дена нашите судии пак ќе одлучуваат за правдата, односно за слободата на нашите браќа и сестри кои сега се на другата страна од оваа ограда. Јас ги замолувам, од моето лично име и од името на сите нас, на сите чесни и искрени граѓани на Република Македонија, да судат човечно, да одлучуваат по правда, а не по политички инструирани одлуки донесени некаде надвор од судовите, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев на протестот пред истражниот затвор во Шуто Оризари.

– Правдата кога тогаш ќе победи, правдата е спора но секогаш на крајот доаѓа. Сите ние веруваме во неа, веруваме во судството кое што сигурно има, имало и ќе има луѓе кои што судат по словото на правото и после шест дена ќе донесат правилна одлука, овие наши браќа и сестри за Нова година и Божик да бидат со своите семејства – изјави Данев.

Тој кажа дека нив ги чекаат дома дечињата, затоа замоли оние што одлучуваат за судбината на овие луѓе, да одлучуваат по словото на правдата и човечноста.

Данев најави нов протест на опозициската ВМРО-ДПМНЕ утре во 18 часот пред Министерството за правда.