Полицијата сака да го уапси началникот на СВР Куманово, група граѓани не дозволуваат

Полиција и специјални полициски единици се пред домот на началникот на СВР Куманово, Стојанче Величковиќ, кој на функцијата началник неодамна беше поставен од министерот за внатрешни работи од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски.

Пред домот на началникот собрани се група граѓани кои не дозволуваат Величковиќ да биде изнесен.

– Собрани сме пред куќата на началникот Величковиќ. Тука се две коли на специјални полициски единици. Ова се планирани провокации и инциденти затоа што сакаат да го уапсат началникот без никаква причина. Го апсат затоа што е поставен од страна на Оливер Спасовски. Народот чека и не дозволува такво нешто. Полицијата е внатре во куќата, не знаеме што се случува затоа што одземен му е телефонот – вели Мирослав Трлин од СДСМ Куманово.

Тој додава дека Величковиќ не сторил никакво кривично дело, туку само дека си ја работел својата работа и апсел криминалци.

„Мета“ се обиде да стапи во контакт со надлежните од Министерството за внатрешни работи, но ниту еден од портпаролите не одговара на телефонските повици.