Поезија од Шипинкаровски и од Пејковски во софиското списание „Литературен свет“

Во најновиот број на електронското списание „Литературен свет“, кое се објавува во Софија, Република Бугарија, објавени се песни на македонските поети Петко Шипинкаровски и Зоран Пејковски.

Исто така, дадени се биографски белешки за македонските писатели и за нивните професионални ангажмани на полето на афирмацијата на македонската литература.

Петко Шипинкаровски (1946), поет, писател, есеист, литературен критичар, е роден во битолското село Будимирци. Дипломирал на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ), Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и на Македонското научно друштво од Битола. Неговите прозни и поетски дела се преведени и се препеани на повеќе светки јазици, а добитник е и на повеќе награди и признанија.

Зоран Пејковски e магистер по театарски уметности, драмски писател, драматург на Народниот театар од Охрид, поет и публицист. Преведуван и препејуван е на неколку странски јазици. Член е на ДПМ и на неговиот Собраниски одбор, претседател е на Битолскиот книжевен круг и член на Македонското научно друштво, каде е раководител на Центарот за култура-литература, драмска уметност, филм и издаваштво. Добитник е на повеќе награди и признанија, а најнова е наградата „4 Ноември“, највисоката награда на Општината Битола за литература и за книжевност за 2014 година.