Поддршка за реформите од помошникот генерален секретар на ОН, Мирослав Јенча

Помошникот генерален секретар на ОН за политички прашања, Мирослав Јенча, на средбата со премиерот Зоран Заев ја поздравил посветеноста за спроведување на реформите како и заложбите на владата за демократија, владеење на правото, човековите права и меѓуетничките различности. Тој понудил поддршка од системот на Обединетите нации во спроведувањето на реформите, особено во областа на достигнување на Целите за одржлив развој, соопштија ОН.

Покрај Заев, Јенча разговараше и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, министерот за надворешни работи Никола Димитров, претседателите на собраниските комисии, претставници од граѓанското општество, дипломатскиот кор и тимот на Обединетите нации.

Јенча ја поздравил и активната поддршка на владата за тимот на Обединетите нации во земјата, како и учеството во работата на ОН и на глобално и на национално ниво. На средбите била нагласена и важната улога на политичките лидери и граѓанското општество во спречување на поделбите и во унапредување на правата на малцинствата и јакнење на улогата на жените.