Почна втората фаза од реконструкцијата на булеварот Јане Сандански

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, и на Општина Аеродром, Ивица Коневски, го означија почетокот на реконструкцијата на булеварот Јане Сандански, на потегот од катната гаража „Илинден“ до крстосницата со улицата Васко Карангелевски, во должина од 475 метри.

– Овој проект е продолжување на проектот за реконструкција на булеварот Јане Сандански што Градот Скопје го реализира во 2012 година, кога овој булевар доби нов асфалт на потегот од крстосницата со булеварот Србија до крстосницата кај катната гаража „Илинден“. Сега, во текот на градежните работи на булеварот Јане Сандански, ќе се отстрани постојниот оштетен асфалтен слој, ќе се нивелираат 37 шахти и сливници, ќе се заменат оштетените рабници, на местата каде што ќе се јави потреба ќе се обнови и носечкиот слој, по што на коловозот ќе се нанесе нов асфалтен слој „сплит мастикс“ од еруптивно потекло на површина од околу 9.000 квадратни метри. Во текот на градежните работи ќе се обнови дел и од велосипедската патека од двете страни на булеварот – рече градоначалникот Трајановски.

Од Град Скопје информираат дека на втората фаза од проектот за реконструкција на коловозот на булеварот Јане Сандански ќе работат екипите на градежната компанија „Ескаватори – МК“, каде инвеститор е Градот Скопје, кој за овој зафат ќе потроши околу 17,2 милиони денари.