По одлуката на Иванов, Беса бара интервенција од меѓународната заедница

Отако Ѓорге Иванов изјави дека нема да го даде мандатот, ова е вознемирувачки момент за државата, се вели во соопштението на Движењето Беса.

– Всушност, Иванов е најголемиот прекршител на Уставот, и тогаш кога неуставно му го довери мандатот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и тогаш кога не му го довери мандатот на претседателот на СДСМ. Ова е алармантно, бидејќи тој ја претставува највисоката институција во земјата и во име на таа институција, само што не повика на линчување на Албанците од Македонија, само затоа што Албанците потпишале една заедничка декларација на албанските политичките партии од Македонија – велат од Беса.

Тие ја повикуваат меѓународната заедница, Соединетите Американски Држави и Европската Унија, како што велат, да го имаат предвид овој потенцијален ризик за албанската заедница во Македонија и да интервенираат за враќање на правната држава, како и за враќање на државата на евроатлантскиот пат.

Тие ги повикаа граѓаните да бидат умерени и мирни, и како што велат, Беса ќе биде заштитник на албанските интереси во Македонија.

– Имајќи го предвид тоа што се случува денеска, ова е уште еден аргумент дека спасот на ова земја е само нејзиното редифинирање во согласност со мултиетничката реалност на земјата – додаваат од Беса.