Париз: Под супермаркет пронајдени 200 черепи

Работници кои копале под супермаркет во Париз, пронашле повеќе од 200 скелета, јавува „Си-Ен-Ен“. Работниците, кои го реновирале супермаркетот, под подот наишле на дел од некогашните болнички гробишта, а истражувачите и археолозите спроведуваат карбонски и ДНК-тестови за да утврдат кога лицата биле погребани.

Археологот Изабел Абади вели дека според начинот на кој телата се поставени, јасно се гледа дека луѓето умреле отприлика во исто време.

– Тоа што изненадува е дека телата не се фрлени во гробницата, туку внимателно се положени во неа – вели Абади, додавајќи дека гробиштата се затворени пред неколку века, кога повеќето посмртни остатоци биле пренесени во Париските катакомби – подземна костурница во која има остатоци од повеќе од шест милиони тела.

Париз претрпел неколку епидемии на чума во времето кога работела болницата „Свето Тројство“, на која ѝ припаѓале гробиштата.