Папа Франциск: Божиќ е заложник на заслепувачкиот материјализам

Божиќ стана заложник на заслепувачкиот материјализам кој го засени Бога и ги засени потребите на гладните, мигрантите и на загрозените од војна, вели папата Франциск.

Тој за време на мисата за Бадник, кој вчера се славеше според Грегоријанскиот календар, рече дека на светот, кој е опседнат со подароци, прослави и со егоцентризам, му е потребена понизност.

На мисата на која присуствуваа околу 10.000 верници и десетици кардинали и бискупи, папата рече дека многумина богати треба да се потсетат дека пораката на Божиќ е понизност и едноставност.

Папата Франциск рече дека малиот Исус треба да биде потсетник за сите оние кои денеска страдаат, особено малите деца кои се кријат под земја бегајќи од бомби или се наоѓаат на дно на чамец полн со мигранти.

– Дозволете предизвик да ни бидат децата, оние на кои им е оневозможено да се родат, оние кои плачат затоа што немаат кој да им го задоволи нивниот глад, оние кои имаат оружје наместо играчки во рацете – рече папата.