Пак дишеме отров, сите мерни станици покажуваат дека воздухот е загаден

Со заладувањето на времето и со почетокот на грејната сезона, се зголеми и загадувањето на воздухот и се намножија канцерогените честички што ги вдишуваме.

Утринава сите мерни станици на Министерството за животна средина и просторно планирање покажуваа средно или високо ниво на концентрација на канцерогените ПМ10-честички во воздухот.

Високо ниво на загадување бележат мерните станици Ректорат и Миладиновци, а средно ниво на загаденост регистрираа станиците во Центар, Карпош, Лисиче, Гази Баба, Тетово, Велес, Кочани и во Куманово.

Во скопски Центар и во Битола синоќа во 22 часот биле измерени 100 микрограми честички на еден кубен метар, а во Карпош се регистрирани 160 микрограми, што е трипати повеќе од дозволените 50 микрограми на еден кубен метар. Во Лисиче се измерени 200 микрограми честички на еден кубен метар, односно четирипати повеќе од дозволеното, во Гази Баба – 177 микрограми, во Тетово – 150 микрограми, а во Куманово 250 микрограми честички на еден кубен метар, што е петпати повеќе од дозволените 50 микрограми на еден кубен метар.

Во Карпош е регистрирано и високо ниво на концентрација на канцерогените честички ПМ2,5, а во Центар нивната концентрација е на средно ниво.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, пред десетина дена изјави дека доколку „Југохром“ не постави филтри зимава, таа ќе испрати барање до Владата комбинатот да се затвори.

– Ќе побараме „Југохорм“ да не работи до март 2017 година, ако не постави филтри. Така граѓаните ќе се заштитат од аерозагадувањето. Но, ќе бараме да се запази и социјалната димензија, односно граѓаните што работат во овој комбинат да имаат месечни примања додека комбинатот не работи и тие примања да ги обезбеди Владата – изјави градоначалничката Арифи.