Османи: Прво да најдеме решение за името, па потоа ќе зборуваме за референдум


       
Скопје, 4 јануари, 2018 - 15:18 (META) 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи рече дека навреме ќе соопшти кога ќе замине во Атина на средба со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, откако грчките медиуми објавија дека в понеделник или вторник Османи ќе дојде во официјална посета во Атина.

– Имаме континуирана комуникација со Република Грција, со премиерот Алексис Ципрас, со министерот за надворешни работи Никос Коѕијас. Таа комуникација ќе продолжи и понатаму, ќе има и редовни средби во наредниот период. Во услови на анимозитет и немање комуникација не може да очекува решавање на спорот со Грција. Создаваме мостови, секоја посета на Атина или Скопје е еден мост повеќе – рече Османи по денешната неформална средба со бугарскиот амбасадор во земјава Иван Великов Петков.

Османи и  честита на Бугарија за преземањето на претседателството со Европската Унија и изрази надеж дека во текот на бугарското претседателство Македонија ќе добие препорака за отпочнување на преговорите.

На прашањето дали се залага за референдум во однос на прашањето за името, Османи истакна дека ова решение има неколку чекори и оти треба да се почне од првиот, а не да се оди на третиот или четвртиот.

– Прво да најдеме решение, потоа ќе зборуваме како ќе го верификуваме – рече Османи.