ОМД: Договорот со Бугарија негативно би се одразил врз македонските национални интереси

Обединетата македонска дијаспора (ОМД) содржината на договорот со Бугарија ја опиша како нецелосна, нејасна и контрадикторна и смета дека со потпишувањето, како и со евентуална ратификација во Собранието, негативно би се одразил врз македонските национални интереси, но и на унапредување на долгорочните односи помеѓу Македонија и Бугарија.

„Наместо да се договара зад затворени врати, договорот требаше да биде објавен многу порано, за да ѝ се овозможи на јавноста дебата, со што би се составил во корист на заштита на македонските национални интереси, а не само на Бугарија, која го користи како уцена да ја поддржи Македонија за членство во евроатлантските институции. ОМД е со цврст став дека овој договор е контрадикторен во својата содржина. Без да навлегуваме во историски факти, кои би требало да бидат оставени на историчарите, треба да се прецизира точно кој дел од историјата ни е заеднички, за да може да се затвори можноста што моментално ја нуди содржината на договорот, Бугарија да изврши преписка на целосната македонската историја како своја, а не како посебна историја на македонскиот народ и држава“, велат од ОМД.

Од ОМД препорачуваат да не се избрзува со потпишување, како што велат, на ваков неуставен и нејасен нацрт-договор и додаваат дека ќе ги употребат сите свои ресурси и мрежа за заштита на македонското малцинство во Бугарија.

„Бугарија повеќе од две децении издава бугарско државјанство на секој заинтересиран Македонец за да го докаже добро познатиот бугарски став дека во Македонија живее голема бугарска заедница, но без притоа да нагласи дека реалната причина за стекнување бугарското државјанство на Македонците е единствено од економски карактер и ништо повеќе од тоа. Вистинската причина за овој тренд е тоа што Бугарија е земја членка на ЕУ и поради тоа границите и можностите за подобар економски живот низ Европа е отворен за Македонците кои имаат бугарско државјанство, а не поради тоа што овие Македонци се Бугари или се чувствуваат како Бугари“, додаваат од ОМД.

Од Обединетата македонска дијаспора како спорно го посочуваат тоа што во договорот никаде не се споменува признавање на македонскиот јазик и дека содржината на договорот, каква што е сега, може да ѝ дозволи на Бугарија да направи приговор кон употребата на официјалниот македонски јазик во ЕУ.