Од СОНК бараат зголемувањето на платите да биде повеќе од пет отсто и да почне од јануари

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК се залага зголемувањето на платите од пет осто во овие дејности да биде од први јануари, а не од септември 2019 година.

– Со пет отсто апсолутно не сме задоволни. Платите се далеку под просекот. Ако просечната месечна плата е околу 24 илјади денари, просечната плата во образование е околу 19 илјади денари. Најниската е 12.100, а на наставниците и професорите е до 22 илајди, ако не се земе предвид платата на директорите – рече денеска на прес-конференција претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Тој додаде дека има 250 лица чиј работен однос треба да се трансформира од определено на неопределено време.

– Општинските комисии што се задолжени да направат чекор во трансформации на работни договори од определено на неопределено работно време или одреден број на такви општински комисии воопшто не функционираат. Според наша проценка, тоа намерно се прави за да истечат овие три месеци на договори на определено време за потоа да се распишат конкурси и се вработат други луѓе, веројатно поподобни овие што се на работно место – рече Неделков.

Министерот за финансии Драган Тевдовски на вчерашната средба со синдикатите, при претставување на предлог-буџетот за 2019 година рече дека знае дека платите се мали, но тие како министерство гледале колкав е фискалниот простор за зголемување, бидејќи морале да внимаваат и на поддршката на економијата, компаниите, земјоделците.