Од денеска почнува екстерното тестирање

Од денеска до 11 јуни ќе се спроведе екстерно тестирање за учебната 2015/2016 година во јунската сесија.

Државниот испитен центар соопшти дека во оваа сесија ќе бидат опфатени 178.648 ученици од основните и од средните училишта, кои ќе бидат тестирани по 1.972 предмети.

ДИЦ претходно ја објави базата прашања по сите предмети. Учениците се тестираат по два предмета, а за кои предмети ќе бидат тестирани дознаваат три дена пред полагањето. Така, на учениците што ќе бидат тестирани денеска, предметот за кој ќе бидат тестирани им беше соопштен во петокот попладне.

Поради уписите во средните училишта (28 и 29 јуни), резултатите од екстерното тестирање најпрво ќе бидат објавени за деветтоодделенците (на 13 јуни), а за сите други ученици резултатите ќе бидат познати на 17 јуни.

Екстерното тестирање беше воведено во учебната 2012/2013 година за да се провери објективноста на наставниците при вреднувањето на успехот на учениците.