Нема ништо спорно во изградбата на хотелот кај Лагадин, тврдат од Општина Охрид

Нема ништо спорно во одобрението за изградба на хотел кај Лагадин, се огласи денеска со прес-конференција локалната самоуправа во Охрид.

Лилјана Јоноска од секторот за урбанизам, давајќи комплетен хронолошки приказ за целосната постапка за издавање одобрение, рече дека одлуката е донесена на Совет на Општина Охрид на 14 октомври 2015 година, по што е добиена согласност од Министерството за транспорт и врски, заедно со позитивни мислења од Јавното претпријатие за државни патишта, од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и мислење без забелешки од ЈУ Национален парк Галичица.

– На 12 мај 2015 година, известена е националната комисија на УНЕСКО. За предметниот објект е издадено уредно одобрение за градба, врз основа на извод од претходно опишаниот општ акт за село Лагадин и е во целост испочитувана постапка предвидена со Законот за градење. Одобрение за градење се однесува на хотелски комплекс, објект од втора категорија, со приземје плус три ката, на површина за градба од 401,59 квадратни метри и коефициент на искористување во рамки на предвидениот со општиот акт. Паркирањето е решено во целост во рамки на градежната парцела. Хотелот ќе содржи 11 апартмани и шест соби или вкупно 34 легла, што е далеку од хотел со 1.600 легла, како што се шпекулираше во јавноста – појасни Јоноска.

Јоноска додаде дека во постапката се добиени мислење и согласност од НУ Завод и музеј Охрид, водостопанска согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање, како и решение за одобрување на елаборат за заштита на животната средина издадено од Министерството за животна средина и просторно планирање.