МВР во Ваксинце најде 128 мигранти и еден осуденик за убиство од 2001 година

Во денешната акција, екипи на одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР) извршиле претреси во десетина објекти во кумановското село Ваксинце и откриле вкупно 128 мигранати, кои нелегално престојувале во дел од нив, соопшти на прес-конференција помошникот-министер за односи со јавноста на МВР, Иво Котевски.

Најголем дел од мигрантите потекнувале од Сирија, Ирак и од други земји од Блискиот Исток.

Покрај мигрантите, во акцијата бил затекнат и 68-годишен жител на селото Ваксинце, кој се барал со потерница за издржување затворска казна за убиство.

– Илегалните мигранти беа откриени во пет објекти од десетте што беа предмет на интерес. Според досегашните сознанија, сопствениците на објектите ги изнајмувале по цени во просек од 1.500 евра месечно, во зависност од тоа за каков објект се работи или доколку сами ги примале илегалните мигранти, им наплаќале од пет до десет евра само да се засолнат во објектот, без да им биде даден кревет за парите што ги плаќале – рече Котевски.

Според МВР, од извршените разговори со мигрантите, тие изјавиле дека сите дошле во Ваксинце по сопстевна волја.

Тие во земјата влегле од Грција и целта им била да стигнат до некоја од земјите-членки на Европската унија.

– Ниту еден од нив не посочил дека бил жртва на присила, закана или уцена во однос на престојот – посочи Котевски.

При претресите, полицијата запленила и еден пиштол со рамка со пет куршуми и седум куршуми, кои дополнително биле пронајдени во ранец од некој од мигрантите во чајџилница, во која биле откриени 41 мигрант.

Во куќите биле запленети уште 11 куршуми со калибар од 9 милиметри, компјутер, два преносни компјутери, три мобилни телефони, два џебни ножа, една кошула со амблем на „УЧК“, еден тактички елек, една маскирна кошула без амблем и пари во износ од 2.400 евра.

Како што соопшти Котевски, во врска со акцијата, МВР до Обвинителството за гонење организиран криминал ќе поднесе кривична пријава против четворица ваксинчани, во чии куќи биле пронајдени мигрантите, под сомневање дека сториле кривично дело криумчарење мигранти.

Жителот на Ваксинце, по кој била распишана потерница, убиството за кое се товари го извршил во 2001 година, заедно со уште двајца негови познаници. Причина било одбивањето на жртвата, неговата ќерка да се омажи за синот на приведениот.