МВР: Косовец, амнестиран во 2002 година, осомничен за нелегално поседување на оружје

Секторот за внатрешни работи Скопје поднел кривична пријава против 48-годишниот косовски државјанин М.Р., кој се товари за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и распрскувачки материи, информираат од МВР.

Според полициските информации, на 3 август бил извршен претрес во куќата каде престојувал осомничениот и во неа биле пронајдени и запленети ловечка пушка, 120 куршуми за светлосен сигнален пиштол, една рамка за автоматска пушка, еден патрон за ловечка пушка со калибар 12 милиметри и еден куршум со непознат калибар.

Судија на претходна постапка на осомничениот косовски државјанин му одредил притвор од 30 дена.

Полицијата извршила и проверки во Интерпол и утврдила дека осомничениот се бара од косовските власти поради кривично дело неовластен увоз, извоз, снабдување, транспорт, производство, размена, посредување или продажба на оружје или ексползивни материи.

Осомничениот, се додава во информацијата од МВР, во 1999 година „заедно со уште тројца Албанци, државјани на Република Македонија бил кривично пријавен за подготвување на тероризам, а со Законот за амнестија од 2002 година бил целосно амнестиран“.