МОН: Нема шуга во училиштето „Владо Тасевски“, случајот е изолиран

Од Министерството за образование и наука (МОН) ги демантираат пишувањата на одредени медиуми дека во основното училиште „Владо Тасевски“ во Карпош има зараза од шуга и наведуваат дека се работи за само едно дете, односно изолиран случај за кој родителот пријавил минатиот четврток.

„Ја уверуваме јавноста дека во училиштето нема појава на заразна болест, а родителите можат да бидат спокојни и сигурни дека нивните деца се безбедни. По добивањето на пријавата, директорката на училиштето веднаш презела итни превентивни мерки и Центарот за јавно здравје направил систематски преглед кај другите учениците по што било утврдено дека нема присуство и други случаи на заразна болест во училиштето“, информираат од МОН.

Во соопштението се додава дека преземени се и мерки за дезинфекција и дезинсекција за целосна заштита на учениците, за да се спречи ширење на заразата во просториите на училиштето.