Министерството за правда може да ангажира меѓународни експерти за „Диво Насеље“

За сите случаи за кои постојат одредени сомневања за нерегуларности, односно не се докрај расветлени, Владата ќе вклучи меѓународни експерти од одредени области за нивно расветлување, изјави министерот за правда Билен Саљији, одговарајќи на новинарско прашање за барањата меѓународна експертска група да го истражи случајот „Диво Насеље“.

– Министерството за правда, во согласност со неговите ингеренции, како составен дел од Владата на Република Македонија, активно ќе помага во тоа – рече Саљији по презентацијата на извештајот за соработката меѓу Академијата за судии и француската Национална академија за правосудство, во Амбасадата на Франција во земјава.

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние смета дека решенијата треба да се бараат првенствено во внатрешниот правосуден систем во Македонија.

– Јас, како набљудувач, можам да ви кажам дека ги следиме сите аспекти од тоа прашање. Од она што го читаме од медиумите дека се бара своевидна ревизија на судската одлука, милам дека тоа е можност која е отворена. Но, пред да бараме да се решаваат прашања во меѓународни рамки, треба да се обидеме да ги решиме во постојниот правосуден систем – рече Тимоние.