Меркел: Германија ги задржува своите принципи и не се откажува од политиката на отворени врати

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска одлучно ги отфрли апелите да се ревидира политиката за прифаќање мигранти во Германија по нападите што во последните денови ги извршија бегалци.

– Џихадистите сакаат да ја доведат во прашање нашата спремност да ги дочекаме луѓето во неволја. Ние одлучно се спротивставуваме на тоа – рече Меркел на прес-конференција во Берлин.

Политиката на отворени врати за бегалци и за мигранти на Меркел повторно е мета на критики во Германија, каде владее напната атмосфера по четирите напади во последните седум дена, од кои за два одговорноста ја презеде Исламска држава.

– И денеска сум уверена, како и претходно, дека ќе успееме во историското искушение – порача германската канцеларка.

Таа рече дека „Германија останува на своите принципи“ во давање прибежиште на тие што се во неволја.

Канцеларката рече дека намерата на напаѓачите била да шират страв и омраза меѓу културите и верите и додаде дека властите ќе направат сè за да расветлат кој стои зад „варварските“ напади.