Манчевски: Во избирачкиот список не смее да има ни малку сомнеж

„Во избирачкиот список има точно 330.588 сомнителни гласачи. Изборниот криминал на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ е целосно потврден“, објави Дамјан Манчевски од СДСМ на денешната прес-конференција.

– Вкупно 330.588 сомнителни гласачи се доказ дека последните изборни циклуси во Македонија не биле регуларни. Во Македонија владее криминална банда без легитимитет, која не само што ги крадела парите на граѓаните, туку го украла и нивниот глас. Извештајот на експертската ИТ-група со кој се потврдуваат 330.588 сомнителни гласачи го усвоија сите девет члена на ДИК. Методологијата за проверка на избирачкиот список беше донесена со консензус на сите партии и на експертите и за неа гласаа сите девет члена на ДИК. Тоа е методологијата за која во одреден временски период дури ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ нè повикуваа да ја прифатиме. Сега не им е добра. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ имаат интерес да скријат многу работи во избирачкиот список. Очигледно е кој се плаши од откривањето на вистината“, вели Манчевски.

Тој додава дека во согласност со одлуката на ДИК, нема теренски да се проверуваат 124.079 лица кои најверојатно моментално не се во земјава. Според Манчевски, тоа се луѓе кои ги има во базата на податоци на МВР, но ги нема во ниту една друга база на податоци во последните осум месеци.

– Бараме ДИК да излезе во јавноста и да објасни како ќе ги провери овие граѓани. Кое е објаснувањето на ДИК за статусот на овие граѓани? ДИК е должна да ѝ презентира на јавноста пат по кој ќе се дојде до легитимен избирачки список. Овој состав на ДИК не смее да дозволи сомнеж во избирачкиот список и има обврска, во согласност со законот, целосно да го прочисти. Не смее да има сомнеж во ниту еден глас. Мора да важи правилото еден човек – еден глас. Без целосно прочистен избирачки список, нема фер, демократски и регуларни избори – смета Манчевски.