Манчевски: Во два часот наутро, Коце и мнозинството донесоа буџет против интересите на Скопје

Коце Трајановски во текот на целиот ден не присуствуваше на седницата во расправата за буџетот на Град Скопје. Тој не беше тука да го брани сопствениот буџет и интересите на граѓаните, оние кои го гласале, рече на прес-конференција Дамјан Манчевски, координатор на советничката група „Сојуз за иднината“.

– Коце Трајановски и владејачкото мнозинство, вечерва, во два часот наутро, го усвоија буџетот, којшто е против интересите на граѓаните на Скопје. Ова е буџет на раскош и на луксуз, но буџет којшто не ги решава реалните проблеми на скопјани. Денеска владејачкото мнозинство усвои буџет и гласаше за споменици, а не за подземна сообраќајница. Советниците на власта гласаа за нови фонтани, а не за ново средно училиште во Аеродром. Денеска гласаа за плоштади, а не гласаа за намалување на загаденоста во градот. Гласаа за уште еден нов карусел, ама не гласаа за нови водоводи и улици. Денеска гласаа за уште многубројни барокни фасади, ама не гласаа за проекти за енергетска ефикасност – рече Манчевски.

Само во следната година, истакна Манчевски, Град Скопје ќе потроши 14.000.000 евра на раскош и на луксуз, фонтани, барокни фасади и на споменици.