Македонците од Австралија собраа 90.000 австралиски долари за поплавените во Македонија

На донаторската акција во организација на Амбасадата на Македонија во Канбера и на Генералниот конзулат во Мелбурн за поплавените подрачја во Република Македонија, собрани се околу 90.000 австралиски долари.

Како што соопштија од македонскиот конзулат во Мелбурн, во акцијата иницирана од неколку македонски иселеници, со свои прилози на посебната сметка за донации се вклучија сите здруженија, клубови и индивидуални лица. Спроведена е со координација на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во Австралија, а се реализира преку голем број културни и спортски настани, донаторски вечери и медиумска промоција во сите поголеми градови каде живеат Македонците.

Според амбасадорот Веле Трпевски, освен сумата која е собрана, многу е значајно да се истакне дека по повеќе години на поделби, недоразбирања и на недоверба, македонската заедница се обедини околу една кауза, една хуманитарна цел, во која се вклучија повеќе од 90 проценти од сите здруженија, клубови и медиуми на македонски јазик во Австралија.