Македонија го зголеми производството на пченка за 11 проценти

Преку четиригодишниот проект на УСАИД и на швајцарската влада „Да одгледуваме повеќе пченка“, кој заврши денеска, домашното производство на пченка се зголеми за повеќе од 7.000 тони годишно, што е околу 11 проценти од потребното за целосна замена на увозната пченка во земјата.

Ова беше истакнато денеска во Могила од страна на директорот на УСАИД во Македонија, Џејмс Стаин, и на амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Сибил Сутер Техада, кои говореа за постигнувањата на иницијативата.

– Преку оваа иницијатива, УСАИД помогна да се модернизира производството на пченка во Македонија со комбинација од наводнување капка по капка и добри земјоделски практики. Денес, година и пол по донацијата на последниот систем, во Македонија има повеќе од 800 хектари со пченка и сончоглед под ваков вид наводнување, раширени на повеќе од 300 фарми. Овие фарми имаат просечни приноси на зрно од 13 тони по хектар и на силажа од 87 тони по хектар, што е тројно повеќе од националниот просек – изјави директорот на УСАИД во Македонија, Џејмс Стаин.

Според швајцарската амбасадорка, Сибил Сутер Техада, пченката е клучна за многу сектори од производството на храна, особено за индустриите за производство на млеко, месо и на јајца.

– Преку зголемување на производството на пченка, им помагаме на овие индустрии да ги намалат производствените трошоци, што им овозможува да растат, да ги зголемат приходите, да создадат работни места, но и да зачуваат работни места кои се под ризик од исчезнување – изјави Сутер Техада.