Кривична пријава за судски вештак од Скопје поради примање поткуп


       
Скопје, 8 октомври, 2018 - 13:34 (META) 

Секторот за внатрешни работи од Штип поднел кривична пријава за судски вештак од Скопје поради примање поткуп од сопственик на винарска визба од Штип за да стави потпис на економско-финансиски вештачења по предмет кој се водел во штипскиот Основен суд против правното лице. На пријавениот му е одредена мерка куќен притвор.

– Секторот за внатрешни работи Штип до Основното јавно обвинителство Штип поднесе кривична пријава пријава против С.В. (56) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“, казниво по член 357 став 6 во врска со став во врска со став 2 од Кривичниот законик на Република Македонија. Пријавениот, во својство вешто лице ангажиран од Бирото за судски вештачења при Министерството за правда, во текот на јули 2018 во неколку наврати побарал парични средства во износ од 2.000 евра од сопственик на винарска визба од Штип за да стави потпис на економско финансиски вештачења по предмет кој се водел во Основниот суд Штип против правното лице – соопшти МВР.

На 6 октомври 2018 година во просториите на правното лице пријавениот ги примил паричните средства во износ од 2.000 евра, по што се потпишал на финансиското вештачење. Судија на претходна постапка на пријавениот му одреди мерка куќен притвор.