Кривична пријава за еден осомничен напаѓач на новинарот и на снимателот на „А1он“

СВР Скопје вчера поднесе кривична пријава за насилство против еден осомничен напаѓач на новинарската екипа на порталот „А1он“, а постапката е во тек и можно е во наредните денови кривичната пријава да се дополни со нови факти и докази и против други осомничени, соопшти министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, на конференцијата за медиумите по денешниот состанок со претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани.

Прес-конференцијата, инаку, ја покриваа и натепаните новинар и снимател на порталот, Александар Тодески и Влатко Желчески, кои од завчера повторно се на своите работни места.

Министерот за внатрешни рече дека средбата била за да изрази поддршка за работата на новинарите и да упати порака дека МВР ќе работи на тоа во земјава да се почитуваат уставните вредности и демократските институции, од кои е дел и работата на новинарите.

Претседателот на ЗНМ нагласи дека овој случај за нападот на Тодески и на Желчески е првиот во кој МВР во многу кус рок се става во заштита на слободата на говорот и на новинарите, така што бргу процесуира случај со напад на новинар.

– Ова е првпат МВР да застане во одбрана на новинарите и на ЗНМ и ова е првиот случај во кратко време да идентификува напаѓач на новинар. Се надеваме дека и обвинителството и судовите ќе постапат соодветно против човек што се дрзна да нападне новинар и дека напаѓачот ќе ја добие соодветната казна. Сакаме да се испрати порака дека секој што ќе нападне новинар, ќе биде казнет – рече Селмани.

Во соопштението за напаѓачот што МВР го испрати до медиумите кусо по прес-конференцијата, се вели дека кривичната пријава е против 37-годишниот М.К. од Скопје, кој бил познат сторител на имотни деликти и нарушител на јавниот ред и мир.

Селмани информираше дека на министерот Нухиу му доставил листа со постари нерешени напади на новинари за тој од службите во МВР да побара информација до каде се постапките и тие да се забрзаат. На средбата двајцата се договориле и да се почне постапка за евентуално подготвување посебен регистар на напаѓачи на новинари.

Нухиу потоа на албански јазик одговори на четири прашања поставени на албански, а на инсистирање на новинар да го преведе одговорот на прашањето за случајот со нападот на Музејот на албанската азбука во Битола, само кусо одговори: „Кажав“.