Коалицијата на премиерот Шинзо Абе пред убедлива победа на изборите во Јапонија

Владејачката коалиција на јапонскиот премиер Шинзо Абе доби најголема поддршка од гласачите на предвремените парламентарни избори што денеска се одржаа во Јапонија, покажуваат резултатите од излезните анкети, јавуваат светските агенции.

Јапонските медиуми ги објавиле проекциите на резултатите за кратко време по затворањето на избирачките места во 20 часот по локално време.

Според извештаите на медиумите, владејачката коалиција на Шинзо Абе ќе добие 311 места во долниот дом на парламентот, кој има вкупно 465 пратенички места.

Абе пред три недели го распушти долниот дом на парламентот, со очекување дека неговата Либерално-демократска партија во овој момент може да оствари добар резултат на избори, откако најголемата опозициска Демократска партија се распадна кон крајот на септември, а неговиот рејтинг се зголеми.