Кенијци го освоија Скопскиот маратон

Кенијците и годинава доминираа на Скопскиот маратон. Кипротич Кируи триумфално помина низ целта на машката маратонска трка со време од 2:12:36 часа, а зад него се пласираше неговиот сонародник Ричард Кипроно Бет со време од 2:14:36 часа. На третото место се најде Едвин Кирпуто Кирва (2:15:08). Меѓу најдобрите пет маратонци се најдоа шампионот од 2013 година, Вајклиф Кипкорир Бивот (2:19:07) и Силас Кипроно Ту (2:19:07). Во женска конкуренција Кенијката, Гледис Џепкуруи Бивот со време од 2:40:10 часа е годинешната шампионка, а зад неа се пласираа Етиопјанката Шаваје Гамечу Дебелу со време од 2:45:30 чага и Фабиола Џон Вилијам од Танзанија со 2:49:13 часа.

Од македонските натпреварувачи во машка конкуренција најдобро пласиран беше Александар Кираџиев, кој го освои седмото место со резултат од 2:45.57 часа, а веднаш зад него се пласираа Ристе Лазаров (2:48.45), Муџаид Мислимовски (2:54.54) и Игор Јанкуловски со време од 2:56.21 часа.
Во женска конкуренција најбрза Македонка беше Весна Кираџиева, која патеката ја истрча за 3:22.41 часа, што беше доволно за седмото место, додека Милена Чкрипеска се пласира на осмата позиција со резултат од 3:23.25 часа.

На полумаратонската трка од 21 километар во машка конкуренција триумфираше Албанецот Илир Келези со време 1:10.18 час, втор беше Македонецот Дарио Ивановски со време 1:11.14 час, а трет Србинот Кристијан Стошиќ, кој ја истрча патеката за 1:14.35 час. Во женска конкуренција најбрза беше Србинката Даниела Бараќ (1:27.39), пред сонародничката Снежана Милошевиќ (1:32.23), а третото место ѝ припадна на нашата натпреварувачка Адријана Поп-Арсова со време 1:36.54 час.

На пет километри во женска конкуренција победија Рената Соколовска и Суад Крејзиу во машка конкуренција.

Дванаесеттото издание на маратонот се одржа под покровителство на Град Скопје и на Мисијата на Европската Унија, а наградниот фонт изнесуваше 17.100 евра.