Прогласени победниците на стрип конкурсот „За нашите соседи и пријатели“

фото: Стрип центар на Македонија

Познати се победниците на тематскиот стрип конкурс „За нашите соседи и пријатели“ на Стрип центарот на Македонија од Велес.

Во категоријата средношколци, првото место го освои Ангела Петрушевска од Скопје за стрипот „Интегрираната заедница е нашата иднина“. Второто место ѝ припадна на Тамара Мишковска од Скопје за стрипот „Надеж“, а третото на Анастасија Недељковска од Куманово за стрипот „Верувај во себе“.

За најдобар цртеж е прогласен стрипот „Еден ден во ромското маало“ на Емран Арифов од Радовиш, додека Елена Апостоловска од Скопје за својот стрип „LOOK-ПОГЛЕД“ ја доби наградата за најдобро сценарио.

Специјалната награда од Стрип центарот на Македонија ја освои Хасина Абдули од Гостивар за стрипот „Секојдневниот живот и проблемите на ромската популација“.

Во категоријата деца во основно училиште, првото место ѝ припадна на Вилма Дамњановска од Скопје за стрипот „Како да се излезе од калта“, второто на Меланија Андонова од Велес за стрипот „Тешкиот живот на Ромите“, додека третото место го доби стрипот „НЕ ОСУДУВАЈ“ на авторите Анастасија Петровска, Христина Здравковска (цртеж) и Бојана Георгиева (текст).

За најдобар цртеж беше прогласен оној на Матеј Богатиновски од Велес за стрипот „ЖИВОТ“, додека наградата за најдобро сценарио во оваа категорија ја освои Кристина Мишкова од Велес за стрипот „Ромите се дискриминирани речиси секаде околу светот“.

Како што информираа од Стрип центарот на Македонија, на конкурсот се пријавиле вкупно 79 млади автори од повеќе градови.

„Овој грант ја зголемува видливоста на потребите и проблемите кои ја засегаат ромската заедница преку креативна кампања и ги поттикнува младите на креативно размислување за причините и решенијата. Како дел од грантот ќе произлезе каталог во електронска и печатена верзија, а следниот месец ќе се организира посебна изложба каде што на најдобрите ќе им се доделат дипломи и награди“, велат од Стрип центарот на Македонија.