Јакимовски: Одлуката на Иванов е донесена под огромен притисок

Лидерот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, денеска на прес-конференција рече дека неговата партија е крајно изненадена од одлуката на претседателот Ѓорге Иванов да ги аболира сите политичари против кои се води предистражна, истражна постапка или, пак, има правосилна судска одлука.

– Запрепастувачки е што оваа одлука се носи во момент кога имаме нефункционална техничка влада, распуштен парламент, а со ваквата одлука претседателот ја загрозува единствената институција од витално значење. Очигледно е дека некој извршил огромен притисок врз претседателот на државата за тој да донесе ваква одлука. Дилемата е дали притисокот врз Иванов се извршил од „чадорот“, откако увидоа дека Зоран Заев не е вистинскиот избор за спроведување на нивното сценарио – вели Јакимовски.

Лидерот на партијата додава дека опозицијата во континуитет трпи пораз од владејачката коалиција.

– Истиот „чадор“ е сведок и го преживува поразот од СЈО, на кое по седуммесечна истрага, највисок дострел му е сознанието дека додека го апселе Љубе Бошковски, полицајците му упатиле пцости – рече Јакимовски.

Според ГРОМ, секој што направил криминал, без оглед дали е од власта или од опозицијата, треба да одговара за своите постапки.