Изложба на копии на фрески и икони со ликот на Свети Климент Охридски

Во организација на МАНУ, а по повод одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски, денеска во црквата „Света Софија“ во Охрид, отворена е изложба на копии на фрески и икони со ликот на овој светител и патрон на Охрид.

Копиите се од фрески и икони во црквите и манастирите во Македонија и во соседните држави.

– Изложбата е извонредна збирка на икони со ликот на светецот, во избор на академик Цветан Грозданов, кој пак рече дека му е особено драго што неговата научна екипа од Центарот за културно наследство на МАНУ, заедно со колегите од соседните земји, досега има идентификувано повеќе од сто портрети на Свети Климент Охридски во Македонија и во дел од соседните земји рече претседателот на МАНУ, Таки Фити.

Академик Грозданов напомена дека тие се откриени во Охрид од каде зрачи култот негов, но ги има и во цела Македонија, потоа во јужна Србија, во Егејска Македонија, на Атос во Света Гора и во Албанија во регионот на Корча, Елбасан, Мала Преспа.

Осврнувајќи се на големиот јубилеј и значајната годишнина, академик Грозданов потенцираше дека градот Охрид веќе 1.100 години Охрид живее во слава на големиот светец, свој патрон, прв епископ македонски, творец на словенската писменост и култура и прв ученик на светите солунски браќа Кирил и Методиј.

– Имаме одлични проучувања на наши колеги од Грција, Србија, Албанија и соработката во научните кругови е совршена, доколку се исклучат политичките пречки. Инаку, изненадува што досега не откриен ниту еден портрет на Свети Климент во Бугарија -потенцира академик Грозданов.

Меѓу другите, на чинот на отворањето на изложбата,присуствуваа поглаварот на МПЦ-ОА г.г Стефан, претседателите на академиите на науките и уметностите од Бугарија, Србија, Албанија, Словачка, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина, како и претставници на Чешката академија на науки.