Иванов во ОН: Јас сум Македонец и сакам сите да нè почитуваат како Македонци

„Неодлучноста на Европската Унија и на НАТО да ја деблокираат интеграцијата на Република Македонија беше една од главните причини за постојаната внатрешно-политичка криза во Македонија што кулминираше оваа година. Последиците од блокадите станаа причини за нови блокади. Балканските држави наивно веруваа дека некој од надвор ќе им ги реши проблемите. ЕУ очигледно ја нема таа моќ“, рече претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, на обраќањето на 71. Генерално собрание на Обединетите нации.

Но, и во вакви сложени околности, рече Иванов, Република Македонија прави сè што е во нејзината можност за да има најдобри можни односи со сите соседи.

– Двете соседни земји имаат едно отворено прашање, а илјадници области каде имаат заеднички интерес, но и сериозни предизвици како мигрантската криза, безбедноста, кои нè упатуваат на тесна соработка. Прашањето за името не смее да биде пречка да остваруваме максимална соработка во сите области од заемен интерес. Но, изгубивме драгоцено време – рече Иванов.

Тој ги поздрави мерките за градење доверба меѓу двете држави и ги повика двете земји да внесат нови содржини.

– Колку побргу ги исполнуваме мерките, толку побргу ќе создадеме позитивен амбиент за да бараме решение за разликата околу името, во рамките на Привремената спогодба, резолуциите на Обединетите нации и пресудата на Меѓународниот суд на правдата – истакна претседателот на Македонија.
Тој побара сите да нè почитуваат како Македонци, како што ние го почитуваме правото на сите да се идентификуваат така како што се чувствуваат.

– Јас сум Македонец, моите сограѓани се Македонци и од оваа говорница ви се обраќам на македонски јазик. Сакаме како Македонци да соработуваме и да имаме најдобри односи со сите наши соседи. Нема проблем што не може да се реши и разлика која не може да се надмине. Единствен услов е да се почитуваме и преку дијалог да доаѓаме до решенија – истакна Иванов.

Според него, првиот мигрантски бран ги еродираше европските институции, механизми и политики.

– Спречувајќи ја илегалната миграција, Република Македонија успеа во голема мера да придонесе за безбедноста на Европа. Европа веќе се соочува со вториот, помасовен бран. Повеќе од 20 милиони мигранти и бегалци од Азија и од Африка се наоѓаат во близина на надворешните граници на Европа. Во наредните години и децении, милиони мигранти ќе се обидуваат да дојдат на европскиот континент. Република Македонија ја спречува илегалната миграција која доаѓа од територијата на ЕУ. Унијата мора да изнајде начини и механизми да ги заштити границите, да ги обезбеди коридорите, а оние мигранти и бегалци што ќе ги прими, да ги интегрира, без притоа да ги асимилира – заклучи Иванов.