Ирачката армија почна офанзива за ослободување 150.000 затвореници во Мосул

Ирачката армија денеска почна офанзива за заземање на Стариот град во Мосул, кој е под контрола на Исламска држава (ИД) и последниот дел од големиот град контролиран од милитантните исламисти. Офанзивата е и за ослободување на околу 150.000 заробеници на ИД.

Телевизиските снимки покажуваат чад како се издига од Стариот град во Мосул, а се слушаат и многу пукотници. Биле расфрлени летоци во кои на населението му се даваат упатства како да се евакуира преку „безбедните коридори“. Се смета дека во Стариот град живеат околу 150.000 цивили, голем дел од нив претходно кидпанирани од ИД, која ги користела како жив штит и ги донела во стариот дел на Мосул.

Кампањата на ирачките војници, поддржани од САД, за целосно преземање на градот, вчера влезе во својот деветти месец. Офанзивата за стариот дел на Мосул е поддржана со напади од воздух од леталата на коалицијата предводена од САД.