ИД убила 30 цивили во Авганистан

Исламистички екстремисти ноќеска убиле најмалку 30 цивили, меѓу кои и деца, во нестабилната област Гор во централниот дел на Авганистан, соопшти гувернерот на провинцијата.

– Припадници на Исламска држава убиле околу 30 цивили, меѓу кои и деца, кои претходно биле киднапирани – изјави гувернерот Насир Казех.

Претставници на локалната влада навеле дека цивилите биле киднапирани додека собирале дрва во планина.

Екстремистите пукале кон нив и ги убиле кога локалните жители се обиделе да се спасат.

Заменикот на полицијата во провинцијата Гор соопшти дека цивилите биле киднапирани во близина на главниот град на провинцијата Ферзок.

Портпаролот на провинцијата Гор рече дека екстремистите кои го извеле нападот припаѓаат на група која минатата година се одметнала од талибанците и искажале лојалност кон ИД во Авганистан.