Груевски во Апелација: Се подготвувам да победам на избори, не да бегам

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска во Апелацискиот суд изјави дека се подготвува да победи на избори, а не да избега од земјава.

Груевски во Апелацискиот суд, каде на јавна седница се разгледуваат жалбите на дел од обвинетите и жалбите на Специјалното јавно обвинителство за случајот „Титаник“, дојде половина час порано, придружуван од неговите адвокати Боро Тасевски, Сања Алексиќ, Петар Василев и Димитар Дангов.

Тој во судницата рече дека не сторил кривично дело туку дека против него се води политички прогон.

– Не сум сторил кривично дело за да имам причина да се плашам. Против мене се води политички прогон и хајка. Единствениот сведок против мене е Заев и едвај чекам да почне судењето за јавноста да се увери дека сум невин. Сум имал можности да избегам две години откако СЈО најави дека ќе ми бидат поднесени обвиненија. Сум патувал и сум се враќал. Јас се подготвувам да победам на избори, не да бегам. Каде би бегал во овој глобализиран свет? Досега не сум отсуствувал од рочиштата и на секоја покана од судот ќе се јавувам – рече Груевски.

Специјалното јавно обвинителство за Груевски бара притвор, затоа што, како што рече обвинителот Гаврил Бубевски, на Груевски не може да му се достави покана. Според обвинителот на СЈО, лидерот на опозициската партија примил само една покана, на 6 април 2017 година.

– Не успеавме да најдеме доставувач кој ќе му достави покана, ниту пошта, ниту ДХЛ. Сите други покани ги добило неговото обезбедување. Му испративме 10 покани на Груевски и поради неодговарањето на повиците, тој е обвинет за попречување на правдата – рече Бубевски.

Денеска на јавна седница треба да се разгледуваат и жалбите на другите обвинети во случајот „Титаник“, кои се дел од врвот на ВМРО-ДПМНЕ. По Груевски, судот треба да одлучува и за поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешниот шеф на кабинет на Груевски, Мартин Протоѓер, и за Кирил Божиновски.

За нив СЈО бараше притвор, но кривичниот совет само им ги одзеде пасошите и им наложи еднаш неделно да се јавуваат во суд.