Груевски ја обвини власта дека демонстрира сила и работи незаконски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на митингот во Ресен рече дека власта работи незаконски, но и демонстрира сила.

– Кандидатот за градоначалник во Шуто Оризари беше претепан до бессознание, друг наш кандидат беше погоден со куршум, на кандидатот за градоначалник на Кавадарци му вперија оружје и го третираа како терорист за потоа само да му се извинат – рече Груевски.

Тој додаде дека власта незаконски поставува и разрешува кадри, врши притисоци врз медиумите и судството поради што судиите се оневозможени да судат независно.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека „помрачување“ се случува и во економијата, бидејќи со запирање на проектите на претходната власт, запрена е и економијата.

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија вечерва ќе одржат митинг и во Битола.