Груевски – Иваниќ: Односите помеѓу двете земји се пријателски и со заемно разбирање

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска придружуван од партиските соработници Владимир Ѓорчев и Александар Николоски, се сретнал со претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Младен Иваниќ.

Двајцата соговорници позитивно ги оцениле односите помеѓу двете, земји кои се карактеризираат со заемно пријателство и со разбирање.

Груевски, како што се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, го запознал својот соговорник со аспектите на политичката криза наметната од опозицијата и со позициите и со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на клучните прашања и начините за надминување на предизвиците.

Разговарајќи за можните решенија, како што се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, тие ја повториле оценката дека единствениот начин за излез од политичката криза и за постигнување стабилност е спроведување на брзи парламентарни избори, заедно со редовните локални избори, каде граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат „за тиранската платформа која ја прифати СДС“.