Градоначалникот на Пробиштип тврди дека нема пријава за силување

Вработена во Општината Пробиштип поднела пријава за обид за силување против градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски, кој, пак, демантира дека такво нешто се случило. Штипската полиција соопшти дека има пријава за настан. За каков, не прецизира.

Секторот за внатрешни работи од Штип даде штуро, кратко известување за медиумите.

„На 13 јануари оваа година во полициската станица Пробиштип од страна на А.П. од Пробиштип пријавен е настан за кој веднаш е известено ОЈО. СВР Штип презема мерки и активности за утврдување на фактичката состојба околу пријавениот настан и постапува по насоките на ОЈО за целосно расчистување, документирање и за правна квалификација на истиот“, соопштија од СВР.

Каков настан е пријавен, не прецизираат од полицијата.

На барањето на „Канал 77“ за изјава околу настанот, градоначалникот Тоневски одговорил со СМС.

– До овој момент немам добиено никаква информација за поднесена пријава против мене за обид за силување и ги демантирам сите шпекулации на оваа тема. Исто така, до овој момент не сум повикан ниту од страна на полицијата ниту од Јавното обвинителство на разговор во врска со каква било пријава против мене – вели Тоневски во врска со случајот.