Град Скопје апелира на помасовно користење на јавниот превоз

Градот Скопје смета дека има голем простор за помасовно користење на бесплатниот јавен превоз од граѓаните и апелира да се остават автомобилите и да се користат бесплатните услуги на јавните превозници, во период на голема загаденост на воздухот.

Од градската администрација велат дека доколку дозволат временските услови, ќе ги прскаат градските улици со средството калциум магнезиум ацетат, но дека нема да се воведе мерката „пар-непар“.

„Во согласност со сегашните прописи, во градот не може да се воведе системот „пар-непар“, но затоа Градот Скопје апелира до надлежните министерства – за животна средина и просторно планирање, за внатрешни работи и за здравство – да предложат измени во законот за да може да се спроведува оваа мерка“, велат од Град Скопје.

Како што соопштија оттаму, изминатите денови комуналните инспектори на Град Скопје направиле 1.000 контроли и изрекле 12 казни на компании поради непочитување на одредбите од одлуката за комунален ред во Скопје.