Економскиот тим на СДСМ: На Македонија ѝ е потребен правичен даночен систем

„Рамниот данок што го воведе актуелната власт дополнително ги осиромашува сиромашните, а ги богати богатите“, истакнале потпреседателот на СДСМ, Ванчо Узунов, и претседателот на Комисијата за економија на партијата, Драган Тевдовски, на денешната експертска дебата, осврнувајќи се на потребата од правичен даночен систем во земјата и давајќи акцент на прогросевниот данок, односно „оној кој има повеќе да плаќа повеќе данок, а оној кој има помалку да плаќа помалку данок“, како решение.

– Најбогатите 10 отсто имаат речиси 17 пати поголем вкупен доход од најсиромашните 10 отсто. Коментарите од типот дека рамен данок е капитализам, прогресивен данок е социјализам не се точни, нема да се враќаме ние во социјализам, а со вакви стереотипи и дебати базирани на вредносни судови, не стигнуваме до решение – вели Узунов.

Според Тевдовски, покрај другото, непходно е и „зголемување на фискалната транспарентност за тоа како државата ги троши парите“.

– Секоја година се даваат податоци за тоа кои се најбогати, од тие што плаќаат данок, но немаме транспарентни податоци за распоредот на овие плаќања. Ако гледаме кај даноците, апсолутно, од ова се гледа дека на Македонија ѝ треба поправеден персонален данок на доход што ќе има повеќе стапки што ќе содржи враќање на платен персонален данок за граѓаните кои имаат ниски месечни лични доходи и повисоки даночни стапки за оние еден процент или неколку проценти од најбогатите, чие учество во доходот многу се зголемува сите овие години – вели Тевдовски.