Џафери побара обезбедувањето да го отстрани Ѓорчев од говорница

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, побара собраниското обезбедување да го отстрани пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, од собраниската говорница бидејќи Ѓорчев излезе на говорницата без да добие дозвола од собранискиот спикер.

Откако неколкупати го предупреди, Џафери нареди да му се исклучи микрофонот на Ѓорчев, но тој и покрај исклучениот микрофон не се тргна од говорницата, па Џафери побара собраниското обезбедување да го отстрани пратеникот.

По тоа, група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ја опколија собраниската говорница за да не дозволат обезбедувањето да стигне до Ѓорчев, по што собранискиот спикер даде 10-минутна пауза.

Ѓорчев сакаше на пратениците да им се обрати процедурално, на што спикерот му кажа дека е пријавен за реплика и не му даде збор. За време на својот говор, со исклучени микрофони, Ѓорчев побара закажување вонредна седница на Собранието за состојбата со депонијата во Струга.

Собранието денеска ја продолжува петтата седница, на која последна точка на дневниот ред е изборот на заменик-министри на владата.