Бошњаковски: Заев не побара бришење на „Македонска“ од името на МПЦ

Според портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, во своето писмо до вселенскиот патријарх Вартоломеј, македонскиот премиер не побарал бришење на зборот „Македонска“ од името на Македонска православна црква.

Како што веќе беше објавено, и Македонска православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и премиерот Зоран Заев писмено се обратиле до Вселенската патријаршија со молба да се додели автокефален статус на МЦП-ОА.

– Премиерот Заев има испратено замолница за решавање на долгогодишното црковно прашање. Во замолницата испратена до вселенскиот патријарх не е побарано бришење на зборот „Македонска“. За сите други информации би ве упатиле на Синодот – рече владиниот портпарол Бошњаковски одговарајќи на новинарско прашање на денешната редовна прес-конференција во Владата.

Според владата, писмото на Заев било „еден придонес за кој сметаме дека треба да биде даден за решавање на долгогодишното црковно прашање“.