Тимотеј: МПЦ-ОА побара признавање на автокефалноста, за името сега не се зборува


       
Скопје, 31 мај, 2018 - 11:00 (META) 

Македонската православна црква испрати барање до Вселенската патријаршија за признавање на автокефалноста, а какво име тие би прифатиле, ние не можеме сега да коментираме, не е сега време за тоа, изјави за „Мета“ владиката Тимотеј, портпарол на МПЦ-ОА.

Македонската црква барањето за признавање на автокефалност го испратила пред еден месец, а писмо испратил и македонскиот премиер Зоран Заев, кој во своето писмо побарал Вселенската Патријаршија да преземе иницијатива за враќање на црквата во канонски рамки под името Охридска архиепископија.

Во меѓувреме, од Истанбул стаса соопштение дека иницијативата е прифатена и барањето ќе се разгледаува.

„Беше разгледано барањето на расколничката црква во Скопје, барање поддржано и преку писмото на премиерот на ПЈРМ, господинот Зоран Заев, за преземање иницијатива од Вселенската Патријаршија за враќање на црквата во канонски рамки под името Охридска архиепископија и одлучи да се разгледа и да го стори тоа што треба врз основа на условите, што не можат да се прекршат, на историските и канонските надлежности и прерогативите на Вселенскиот патријарх“, се вели во соопштението на веб-страницата на Вселенската Патријаршија.