Без дозвола за градба, се подготвува теренот за изградба на џамија на Попова Шапка

Без дозвола за градба, во туристичкиот центар Попова Шапка, се вршат градежни активности за изградба на џамија, потврдуваат од секторот за урбанизам при Општина Тетово.

– Викенд-населбата на Попова Шапка е под надлежност на Општина Тетово. За оваа викенд-населба сè уште не е изработен детален урбанистички план и секоја нова градба што се гради е дивоградба. За парцелата каде што сега се изведуваат градежни активности, нема издадено одобрение за градба. Кога ќе се изработи нов детален урбанистички план, тогаш ние имаме право да издаваме дозволи за градба – велат од секторот за урбанизам при Општина Тетово.

Од Општина Тетово засега не кажуваат какви мерки ќе преземат во врска со овој верски објект.

Според неофицијални информации, општинскиот инспекторат деновиве ги запрел градежните активности, но денеска граѓани ни испратија фотографии на кои се гледа дека градежна механизација работи на проширување на парцелата.

Од тетовскотo муфтиство при Исламската верска заедница (ИВЗ), од каде побаравме став околу изградбата на џамијата, кусо одговорија дека не вршат никакви градежни активности на Попова Шапка.

Инаку, веќе неколку месеци покрај патот кон Попова Шапка, поставени се повеќе билборди со насликана џамија која треба да се гради на Попова Шапка. На билбордот пишува дека инвеститор на овој верски објект е тетовското муфтиство при Исламската верска заедница, а наведени се неколку жиро-сметки на кои граѓаните можат да донираат за изградба на џамијата.