!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Бејли: Слушнав дека членовите на ДИК тајно си изгласале четири дополнителни плати


       
Скопје, 4 декември, 2017 - 16:37 (META) 

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Македонија, Џес Бејли, на денешното предавање за борбата против корупцијата што се одржа на Факулетот за безбедност во Скопје, рече оти слушнал дека членовите на Државната изборна комисија зад затворени врати едногласно си изгласале да добијат четири дополнителни плати по завршувањето на локалните избори во октомври годинава, пренесува порталот „Нова ТВ“.

– Слушнав дека членови на ДИК си изгласале дополнителна плата за четири дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските избори, кои штотуку завршија. Тие претходно дополнително добиле плата и за пет месеци по изборите од 2016 година. Гласањето во Комисијата било едногласно, меѓу сите партии и сите етникуми, а персоналот во Комисијата добил помали бонуси. Јас сум јавен службеник, поддржувам наградување на јавни службеници кои работат повеќе од предвиденото, но имам прашање во врска со ова. ДИК е независно тело. Можеби овој потег бил дури и легален, но гласањето се случило зад затворени врати – рече Бејли.

Тој праша што кажува ваквата практика за лидерските приоритети и за вредностите на самата организација.

– Зошто јас го кажувам ова, што кажува ова за вредностите на самата организација? Каде беа свиркачите, истражувачките новинари или парламентарните тела за надзор? Што би сториле сите вие во оваа ситуација? – рече Бејли.