Анонимуси ја нападнаа веб-страницата на Грчката централна банка

Грчката централна банка била мета на кибернетички напад на активистичката хакерска група Анонимуси, што го попречи функционирањето на нејзината интернет-страница, соопштија денеска претставниците на банката.

– Вчерашниот напад траел неколку минути. Системот за безбедност на банката успешно одговорил на нападот. Единствено проблем претрпе нашата интернет-страница – рече неименуван претставник.

Групата преку видеосервисот „Јутуб“ соопшти дека „Олимп ќе падне“.

„Пред неколку дена прогласивме оживување на операцијата „Икар“. Денеска продолживме со соборување на интернет-страницата на банката на Грција“, соопшти групата, додавајќи дека ова претставува почеток на 30-дневната кампања против веб-страниците на централните банки во светот.