212 милиони евра завршиле во пет фирми за ископ на јаглен во РЕК Битола и во РЕК Осломеј

ЕЛЕМ платиле 161 милион евра на „Трансмет“, „Силекс неметали“, „Пелистер“, „Гранит“ и на „Марковски компани“ за ископ на јаглен и на јаловина во РЕК Битола, од 2012 до август 2017 година, информираше денеска на прес-конференција директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски.

Тој додаде дека во истиот период, поради недостиг и неисправност на сопствената механизација, во РЕК Битола и во РЕК Осломеј била ангажирана и помошна надворешна механизација, за што се платени 46 милилини евра во РЕК Битола и 5 милиони евра во РЕК Осломеј.

– Во наведениот период, вкупните трошоци за ископ на јаглен и на јаловина од надворешни фирми и за ангажирањето помошна механизација во РЕК Битола и во РЕК Осломеј изнесувале околу 212 милиони евра. За споредба, во периодот од 2000 до 2005 година, за ископ на јаглен биле платени 38 милиони евра – изјави Миновски.

Директорот на ЕЛЕМ информираше дека ископот на јаглен во РЕК Битола, во периодот од 2012 до август 2017 година, го вршеле само тие пет компании.

– Тие во одредени периоди учествуваат самостојно на тендерите, а во други случаи се јавуваат како конзорциум, односно конкурираат заедно. Од три од компаниите кои биле ангажирани за ископ на јаглен и на јаловина, односно „Трансмет“ , „Пелистер“ и „Марковски компани“, РЕК Битола истовремено ангажирал и помошна механизација – рече Миновски.

Тој додаде дека овие трошоци влијаеле врз цената на електричната енергија.

– Вкупните трошоци за ископ на јаглен и на јаловина од надворешни фирми и за ангажирањето помошна механизација, влијае на регулираната цена на електрична енергија за изминатите години, од 2012 до август 2017 година, со околу 20 проценти или, во просек, по 8 евра за секој произведен мегават-час. Во моментов регулираната цена за производство на електрична енергија од ЕЛЕМ изнесува 41 евра по мегават-час – додаде Миновски.

Во однос на ангажирањето на надворешна механизација, од ЕЛЕМ планираат да набават сопствена механизација, што ќе доведе до намалување на трошоците за користење туѓа механизација.