ЗНМ: Владата преку кампањи со јавни пари ги корумпира медиумите

Во електронските медиуми во периодот од октомври до декември 2014 година вложени се вкупно 5.306.107 евра, а во дневните и во неделните весници 657.759 евра, се вели во анализата за јавните пари во медиумскиот простор, направена од Здружението на новинари на Македонија

Во анализата на ЗНМ се вели дека општинската власт најмногу средства има вложено во весниците „Нова Македонија“, „Лајм“ и „Коха“. Централната власт, пак, во овој временски период најмногу вложила во весникот „Коха“, а потоа во „Дневник“ на второ и во „Вечер“ на трето место. Централната власт од анализираните неделници во периодот октомври-декември 2014 година најмногу има вложено во „Република“. Во анализираните веб-портали се забележува дека реклами од јавни средства, во анализираниот временски период, во поголем обем се забележуваат во „Курир“ и во „Прес 24“. Што се однесува до обемот на емитувани рекламни видеоспотови во периодот октомври-декември 2014 година, најмногу се забележани во јавниот сервис (МТВ 1 и 2, како и на собранискиот канал), односно вкупно 15.492 емитувања, што е далеку повеќе од емитувањето реклами во кој било друг медиум.

– Нашиот став е дека Владата преку владини кампањи со јавни пари ги корумпира медиумите за да влијае на нивната уредувачката политика. Со шест милиони евра потрошени во електронските и во печатените медиуми за само три месеци, Владата станува еден од најголемите огласувачи во медиумите. Тоа претставува висок ризик за корупција и создава услови за влијание врз уредувачката политика, како се третираат или не се третираат одредени теми во општеството. Сознанијата на оваа анализа укажуваат дека Владата повеќе кампањи објавува во медиуми кои според начинот на известување се наклонети кон неа, а помалку во тие медиуми што се критични кон неа – вели претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Од ЗНМ сметаат дека Владата треба веднаш да престане со објавување на владините кампањи во приватните медиуми, владините кампањи да се регулираат со посебен закон и процесот на огласување да биде транспарентен и врз основа на јасни критериуми за распределба на кампањите.

Во анализата биле опфатени дневните весници „Слободен печат“, „Вест“, „Дневник“, „Нова Македонија“, „Утрински весник“, „Вечер“, „Коха“ и „Лајм“, неделните весници „Капитал“, „Фокус“ и „Република“, телевизиите МРТ, „Канал 5“, „Сител“, „Алсат М“, „24 Вести“, „Телма“ и „Алфа“ и веб-порталите „Курир“, „Плусинфо“, „Прес 24“, „Нетпрес“, „Либертас“ и „А1 он“.