Жерновски поднесе кривична пријава против Груевски

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, поднесе кривична пријава против премиерот Никола Груевски.

„Поднесувам кривична пријава против Никола Груевски, кој е поттикнувач и организатор на насилството во Општина Центар. Никола, јас не сум кукавица како тебе. Кукавиците организираат други луѓе. Ќе те почитував ако лично дојдеше да ми удриш пет-шест шамари“, рече Жерновски на прес-конференцијата пред Владата.

„Никола Груевски, во разговор со лицето Миле Јанакиески, актуелен министер за транспорт и врски, го презентира планот за извршување на кривичното дело. Тој најавува дека ќе се соберат околу 2.000 луѓе пред Општина Центар на 7 јуни 2013 година, од кои една група треба да влезе внатре и да го изврши насилството. Сугерира и физички напад врз Жерновски, кому треба да му бидат удрени „едно пет-шест јаки шамари“. Никола Груевски, дополнително го поттикнува физичкиот напад врз градоначалникот, со уверување дека напаѓачот нема да одговара кривично, бидејќи Жерновски не би добил тешки телесни повреди“, пишува во пријавата, сопштија од Општината Центар.